Градоначалникот на украинскиот град Харков ги обвини руските сили дека намерно гранатираат цивилна инфраструктура.
„Напади има врз градинки, училишта, болници, клиники“, изјави градоначалникот Ихор Терехов денеска за Си-Ен-Ен, јавува ДПА.
„Кога се стотици и стотици цивилни згради, тогаш тоа не е несреќа. Тоа е таргетиран напад“, изјави Терехов, додавајќи дека „го смета ова за акт на геноцид врз градот Харков“.
Терехов, изјави дека градот со околу 1,5 милиони жители, е под постојан ракетен напад. Вода и греење има во зградите, кои сè уште не се оштетени од гранатирањето, рече Терехов, нагласувајќи дека работат на враќање на снабдувањето со електрична енергија.
Жителите на градот имаат потреба од храна, лекови и топла облека.
Терехов, исто така, изрази убедување дека Украина нема да ја загуби војната. „Јас сум апсолутно убеден дека ќе ги победиме Русите“, изјави Терехов. (МИА)