сабота, 2. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Градот Брисел сепак ја повлекува одлуката за гасење градско светло рано наутро

Градот Брисел сепак ја повлекува одлуката за гасење градско светло рано наутро

Одлуката донесена на крајот на септември да се гаси градското светло 30 минути порано се укинува поради проблеми за безбедноста на граѓаните, јави дописничката на МИА од Брисел.

Поради енергетската криза градоначалниците на општините во Брисел пред повеќе од две недели донесоа одлука да се гасат уличните градски светла половина час порано наутро, денеска оваа одлука се укинува после повеќе сведоштва.

Меѓу сведоштвата се наоѓаат повеќе девојки и жени кои велат дека се чувствуваат небезбедно, но и пешаци и велосипедисти кои се нашле во сообраќајни незгоди поради недостатокот на светлина наутро.

Поради ова градоначалниците денеска се согласија да ја укинат одлуката врз основа на полициски извештаи. Понатаму ќе се работи на нов план во соработка со операторите и општините за да се најде компромисно решение меѓу потребата за штедење на електрична енергија и безбедноста на граѓаните на градот Брисел.

Едно од можните решенија е да се воведе оваа мера само за време на викендите бидејќи помалку луѓе стануваат рано за работа, а децата не одат во училиште, објаснија градоначалниците по нивната средба денеска. Конечната одлука се очекува во текот на ноември.