Градскиот суд во Москва денеска ја потврди пресудата за одземање на лиценцата на независниот весник „Новаја Газета“, што со години наназад го критикуваше Кремљ.
„Новаја газета“ беше најпознатиот независен весник во Русија се додека властите минатата година не го наредија неговото затворање како дел од акцијата против дисидентите.
Московскиот градски суд денеска ја отфрли жалбата на весникот против одлуката од септември, донесена од страна на Московскиот окружен суд, што му ја одзеде лиценцата.
Окружниот суд во септември ја одобри петицијата поднесена од рускиот медиумски регулатор, што го обвини весникот дека навремено не ја доставил својата уредувачка повелба до властите.
Главниот уредник на весникот, добитникот на Нобеловата награда за мир, Дмитриј Муратов, денеска ја осуди пресудата, велејќи дека таа „им служи на масите кои сакаат народот да гледа само пропаганда“.
Неколку дена по почетокот на војната во Украина, рускиот Парламент одобри закон со кој се забранува наводно омаловажување на руската војска или ширење „лажни информации“ за воената кампања на земјата во Украина.
Како резултат на ваквиот закон, десетици независни руски медиуми се забранети, додека некои најавија дека го прекинуваат секое известување за Украина.