Грција и Германија се договориле да бидат испратени во Украина оклопни возила од Грција, а за возврат тие да бидат заменети со германски, односно Атина да добие исто такви тенкови од Германија, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Министерството за одбрана на Грција кусо соопштија дека по вчерашната средба на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со германскиот канцелар Олаф Шолц било договорено оклопните борбени возила од типот ΒΜΡ-1 со потекло од источна Германија, што Грција ги добила во 1994 година, да се испратат во Украина и во исто време да се заменат со германски оклопни возила од типот Мардер.
-Деталите ќе бидат одредени во следниот период меѓу Министерството за национална одбрана и Сојузното министерство за одбрана на Германија, со цел договорот што поскоро да се реализира, соопштија од надлежното грчко Министерство.
Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому во интервју за грчката телевизија „Скај“ рече дека конкретните оклопни возила се стари 40-50 години и одговараат на потребите на Украина, бидејќи има резервни делови за такви возила и може да се искористат, додека, пак, додаде дека Грција од Германија ќе добие нови, современи оклопни возила.
Тој објасни дека прво ќе стигнат новите возила, а потоа старите ќе ѝ бидат испратени на Украина. (МИА)