петок, 2. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Гроси: Иран не ги исполни доволно своите обврски за поголема транспарентност во однос на нуклеарната програма

Гроси: Иран не ги исполни доволно своите обврски за поголема транспарентност во однос на нуклеарната програма

Иран досега не ги исполни доволно своите обврски за поголема транспарентност во однос на неговата нуклеарна програма, изјави денеска во Виена шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси.

Во март, Гроси и властите во Техеран постигнаа договор за зајакнување на мониторингот на нуклеарните постројки, како и истрагите на претходно тајните нуклеарни локации во Иран.

Оттогаш е исполнет само „мал дел од она што го предвидовме“, рече Гроси за време на денешниот состанок на управниот одбор на МААЕ. Шефот на нуклеарната агенција призна дека се поставени голем број камери и уреди за надзор.

– Постигнат е одреден напредок, но не толку колку што се надевав … Она што треба сега да се случи е одржлив и континуиран процес што ќе доведе до спроведување на сите обврски без понатамошно одлагање“, додаде тој.

Гроси повторно истакна дека, спротивно на нуклеарниот договор од 2015 година, Иран веќе има складирано повеќе од 100 килограми високо збогатен ураниум со чистота до 60 проценти.

Според експертите, 50 килограми се доволни за да се создаде нуклеарно оружје доколку ураниумот се збогати уште малку повеќе.  (МИА)