Венецуелскиот лидер на опозицијата, Хуан Гуаидо, нагласи дека ќе продолжи со протести откако разговорите со официјалните претставници на венецуелската влада во Норвешка завршија синоќа без напредок во решавањето на кризата во Венецуела.
На состанокот во Осло, делегатите на опозицијата ги повторија нивните апели до претседателот Николас Мадуро да поднесе оставка и да дозволат преодна влада да одржи претседателски избори.
-Во моментов нема договор, така што нашата единствена шанса сега е да продолжиме со улични протести, изјави Гуаидо за Фокс Биизнис Нетворк.
-Сакаме да го решиме конфликтот, додаде тој.
„Страните во преговорите покажаа подготвеност да напредуваат во потрагата по уставно решение преку преговори вклучувајќи ги политичките, економските и изборните прашања“, соопшти вчера норвешкото Министерство за надворешни работи.
„Со цел да се зачува процесот што може да даде резултати, страните се повикуваат да бидат исклучително внимателни со своите коментари и изјави за овој процес“. (МИА)