Венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гуаидо ја повика синоќа повторно армијата да му се спротивстави на претседателот Николас Мадуро.
Од своја страна, Мадуро предложи одржување вонредни парламентарни избори за Националното собрание чиј исход може Гуаидо да го симне од функцијата претседател на Парламентот.
Гуаидо и Мадуро овие пораки ги упатија кон своите приврзаници на истовремени протести на два караја од главниот град на Венецуела, Каракас.
Гуаидо порача дека своето опозициско движење нема да го тргне од улица се додека Мадуро не престане да ја „узурпира претседателска функција и не се согласи со организирање нови претседателски избори под надзор на меѓународни набљудувачи“.
Гуаидо (35) повика армиски делови да му свртат грб на Мадуро и да „застанат на страната на народот на Венецуела“.
– Не само што сакаме да престанете да пукате во демонстрантите туку сакаме да бидете дел од обновата на Венецуела, истакна Гуаидо.
Мадуро им се обрати на своите приврзаници нагласувајќи дека тој е единствен претседател на Венецуела и предложи одржување нови избори за Националното собрание каде мнозинство сега има опозицијата.
Собирите на приврзаниците на Мадуро и на Гуаидо се одржуваат во момент на растечки несогласувања во редовите на моќната армија на Венецуела, јавија американски медиуми.
Претходно венецуелски генерал во воздухопловните сили откажа послушност на Мадуро кого го нарече „диктатор“ и ги повика сонародниците на протести против него.