Американскиот технолошки гигант Гугл престана да продава онлајн реклами во Русија поради нападот на Москва врз Украина.
– Со оглед на вонредните околности, ги паузираме рекламите на Гугл во Русија, се вели во соопштението на компанијата и се додава дека ситуацијата брзо се развива при што Гугл „ќе продолжи да објавува најнови информации кога е соодветно“.
Гугл претходно им забрани на руските медиуми финансирани од државата да купуваат или продаваат реклами преку неговата технологија и ги исклучи услугите за информации за сообраќајот во реално време за Украина во софтверот за навигација на „Гугл мапи“, за што нагласи дека е потег за заштита на украинската јавност за кој се консултирал со властите на земјата.
Во меѓувреме, компанијата за изнајмување сместувања за одмори Ер-би-ен-би (Airbnb) ги прекина своите активности во Русија и Белорусија, напиша на Твитер извршниот директор на компанијата Брајан Чески.