Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, синоќа, на отворањето на 77-то Генерално собрание на Обединетите нации, повика на „солидарност“ и „соработка“ пред повеќекратните предизвици на „светот во ризик“, пренесоа светските агенции.
-Ние се соочуваме со светот во опасност преку целата наша работа за промовирање на мирот, човековите права и одржлив развој, рече првиот човек на светската организација.
„Од конфликти до климатски промени, до уништени финансиски системи што ги разочаруваат земјите во развој, до сиромаштија, нееднаквост и глад, до поделеност и недоверба“.
-Соочувањето со овие предизвици бара постојана солидарност, соработка и градење консензус и решенија, потенцираше Гутереш, една недела пред одржувањето на Генералното собрание на највисоко ниво.
Почнувајќи од следниот вторник, зад говорницата на Генералното собрание на најголемиот годишен светски собир ќе се наредат десетици шефови на држави и влади од целиот свет.
Иако официјално не е планирана промена во програмата, погребот на кралицата Елизабета Втора во понеделник, на кој планираа да присуствуваат многу лидери, сепак отвора низа неизвесности за текот на неделата, особено поврзани со редоследот на говорите и одржувањето на одредени придружни настани.
Самитот за образование, закажан за в понеделник, на кој претходно своето присуство го потврдија 90 шефови на држави и влади, сепак, ќе се одржи.
Антонио Гутереш нема да патува во Лондон на погребот на кралицата, изјави неговиот портпарол.