петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Гутереш повика да не се откажуваат напорите за воспоставување мир во Украина

Гутереш повика да не се откажуваат напорите за воспоставување мир во Украина

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш повика денеска да не се откажуваат напорите насочени кон воспоставување мир во Украина.

„Не смееме да ги успориме нашите напори во борбата за мир, праведен мир во согласност со Повелбата на ОН и меѓународното право“, рече Гутереш на генералната дебата на Генералното собрание на ОН.

Тој истакна дека на светот итно му се потребни украински прехранбени производи, како и руска храна и минерални ѓубрива за да се стабилизираат пазарите и да се обезбеди сигурно снабдување.

„Нема да се откажам од моите напори за да го постигнам тоа“, рече Гутереш.

Според него, светот забрзано се движи кон мултиполарен светски поредок откако некое време по Студената војна беше униполарен.

Гутереш оцени дека тоа е добро бидејќи, како што наведе, „отвара нови можности за правичност и рамнотежа во меѓународните односи“. Генералниот секретар, сепак, посочи дека мултиполарноста сама по себе не може да гарантира мир.

„На мултиполарниот свет му се потребни силни и ефикасни мултилатерални институции“, рече Гутереш, наведувајќи дека затоа е потребна реформа на Советот за безбедност на ОН и другите меѓународни институции за да може успешно да се решат современите проблеми.

Тој оцени дека светот е се поблиску до „голем раскол“ во економските и финансиските системи и трговските односи. Гутереш рече дека ова бара промена во „меѓународната финансиска архитектура“ за да биде навистина универзална и да служи како глобална безбедносна мрежа за земјите во развој кои имаат економски проблеми.