четврток, 28. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Гутереш повика на итен прекин на сите воени операции во Либија

Гутереш повика на итен прекин на сите воени операции во Либија

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, разочаран што завојуваните страни во Либија не ги слушаат повиците за глобален прекин на огнот, денеска ги осуди нападите врз цивилите и повика на прекин на сите воени операции во оваа африканска земја.

Портпаролот на ОН, Стефан Дујариќ изјави дека Гутереш е разочаран што страните во војната во Либија не ги слушаат и не реагираат на повиците за глобален прекин на огнот, пренесе агенцијата Анадолија.

Тој објасни дека генералниот секретар е длабоко загрижен за последните настани во Либија и повика на итен прекин на сите воени операции во областа.

Дујариќ го повтори повикот на Гутереш за дијалог за изнаоѓање политичко решение, потенцирајќи дека не може да има воено решение за војната во Либија.

Силите на пензионираниот генерал Калифа Хафтар од неделата извршија повеќе од 80 ракетни напади врз аеродромот Митига и другите квартови околу Триполи, при што загинаа шест цивили.

Либија од 2011 година е сцена на длабока политичка и безбедносна криза, откако од власта беше соборен и потоа и убиен долгогодишниот лидер Моамер ел-Гадафи.

Владата на национално единство на Либија, со седиште во Триполи, ужива поддршка од ОН и меѓународната заедница, додека Хафтар од Тобрук води нелегитимни сили, кои главно ги поддржуваат Египет и Обединетите Арапски Емирати.