Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска претстави план од пет точки за забрзување на пошироката употреба на енергија од обновливи извори, со цел повторно да се насочи вниманието на светот кон климатските промени.
– Треба да ставиме крај на загадувањето со фосилни горива и да ја забрзаме транзицијата кон обновлива енергија пред да го запалиме нашиот единствен дом. Времето изминува, рече Гутереш.
Во неговиот план, кој е поттик пред следната конференција на ОН за климатски промени во Египет во ноември, Гутереш повикува на трансфер на технологија и укинување на заштитата на интелектуалната сопственост поврзана со обновливите извори на енергија како што се системите за складирање енергија во батерии.
Гутереш, исто така, повикува на проширување на пристапот до синџирите на снабдување и суровините за технологиите за обновлива енергија, кои моментално се концентрирани во неколку земји. Неговиот план вклучува државни реформи за промовирање на обновливите извори на енергија, брзо укинување на државните субвенции за фосилни горива, кои моментално изнесуваат 500 милијарди долари (околу 475 милијарди евра) годишно, и зголемување на јавните и приватните инвестиции на најмалку 4.000 милијарди долари (3.802 милијарди евра), односно трипати повеќе од сегашните.
Гутереш изјави дека во моментов државните субвенции за фосилни горива се три пати повисоки од оние за обновливите извори на енергија. – Додека луѓето страдаат поради високите цени на бензинските пумпи, индустријата за нафта и гас жнее милијарди на деформираниот пазар. Тој скандал мора да престане, истакна генералниот секретар на Светската организација.
Светската метеоролошка организација (СМО) – агенцијата за метеорологија при ОН, претходно објави дека концентрациите на стакленички гасови, топлината на океаните, зголемувањето на нивото на морето и закиселувањето на океаните се искачиле на рекордно ниво минатата година.
Според извештајот на СМО за 2021 година, последните седум години биле седумте најтопли. Влијанието на екстремните временски услови доведе до смртни случаи, болести, миграција и економски загуби вредни стотици милијарди долари, што се случува и оваа година.