Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш денеска изјави дека светот го изневери Мјанмар, изразувајќи надеж дека Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија ќе може да изврши притисок врз својата земја-членка да се усогласи со планот за решавање на кризата.
Лидерите на Асоцијацијата (АСЕАН) се договорија на нивниот годишен самит да се вклучат во преговори меѓу воените власти на Мјанмар и тамошната опозиција.
Индонезија, која ќе претседава со Асоцијацијата следната година, беше една од земјите кои најотворено повикаа на решение на ситуацијата во Мјанмар.
Гутереш изјави дека смета оти индонезиската влада ќе може да има позитивно влијание.
Одлуката на АСЕАН објавена вчера вклучува барање помош од ОН и други „надворешни партнери“ за поддршка на напорите на групата.
Гутереш изрази надеж дека специјалниот пратеник на ОН за Мјанмар, Ноелин Хајзер, тесно ќе соработува со својот колега од АСЕАН за да се стави крај на „драматичното кршење на човековите права“ во Мјанмар.
„Сите го изневерија Мјанмар. Меѓународната заедница не успеа, а ОН се дел од неа“, рече Гутереш.
Мировниот план на АСЕАН повикува на итен прекин на насилството, дијалог, посредување на специјалниот пратеник на АСЕАН, обезбедување хуманитарна помош и посета на специјалниот пратеник на Мјанмар за да се сретне со сите страни.
Владата на Мјанмар првично се согласи со планот, но не вложи доволно напор за да го спроведе.
Водачот на мјанмарската хунта Мин Аунг Хлаинг не беше поканет на самитот втора година по ред. Неговото отсуство сведочи за недостигот на напредок во разговорите што АСЕАН се обидува да ги одржи за да се реши кризата во Мјанмар.
Мјанмар е втурнат во насилство и хаос по воениот удар во февруари 2021 година.
Членки на АСЕАН се Брунеи, Индонезија, Камбоџа, Лаос, Малезија, Мјанмар, Филипини, Сингапур, Тајланд и Виетнам.