Израелската Армија најави можно зголемување на испораките на хуманитарна помош за палестинското население иако израелските трупи ги прошируваат копнените операции во Појасот Газа, јави ДПА.
-За жителите на Газа кои заминаа во областа јужно од Вади Газа, ја прошируваме хуманитарната помош, изјави денеска портпаролот на армијата Даниел Хагари.
Тој рече дека во текот на денот ќе може да се дозволи камиони натоварени со храна, вода и лекови да преминат на југ од крајбрежниот појас.
-Кој е во областа ќе ги добие овие, нагласи Хагари.
Израел ја држи Газа под речиси целосна блокада неколку недели, откако борците на Хамас извршија напади врз израелските заедници.
Блокадата значеше главно прекинување на снабдувањето со вода за пиење, храна, електрична енергија и гориво, освен неколку десетици камиони меѓународна помош што беа дозволени преку граничниот премин на Газа со Египет.
Израелската армија постојано ги повика луѓето во северниот дел на Газа да побегнат на југ од затворената територија за своја безбедност. Израелските напади беа особено интензивни на северот, иако областите во јужниот дел на Газа исто така беа погодени со израелски напади.
Според израелските воени бројки, најмалку 700 илјади луѓе веќе се преселиле на југ во Газа. Обединетите нации веруваат дека дури 1,4 милиони жители на Газа се внатрешно раселени.
Вкупно, повеќе од 2,2 милиони луѓе живеат во густо населената област.