Хакери бараат речиси 10 милиони долари за да го запрат протекувањето на медицинска документација на Австралијци во еден од најтешките кибер напади во земјата.
Во порака објавена на дарк веб изутринава, хакер бара од Медибанк, најголемото австралиско приватно здравствено осигурување, по еден долар за секој од 9,7 милионите клиенти погодени од протекувањето на податоци минатиот месец.
Хакерската организација исто така објави информации што, наводно, поврзуваат клиенти со абортуси, откако претходно неделава сподели список во кој има податоци за тоа кој бил на лекување од зависности, проблеми со менталното здравје и ХИВ, јавија дел од светските медиуми.
Дел од локалните медиуми го поврзаа форумот на дарк веб, користен за објавување хакерски податоци, со криминалната група РЕвил, што руските власти тврдеа дека ја затвориле годинава, на барање на САД.
Извршниот директор на Медибанк, Дејвид Коцкар утрово ги осуди постапките на хакерите како „срамотни“ и повторно им се извини на клиентите.
-Остануваме посветени на целосна и транспарентна комуникација со клиентите и ќе ги контактираме оние, чии податоци се објавени на дарк вебот, нагласи Коцкар.
Медибанк одби да плати откупнина, повикувајќи се на совети од експерти за кибер криминал, дека со тоа не би се обезбедило враќање на податоците на клиентите, а може и да доведе „повеќе луѓе во опасност, правејќи ја Австралија уште поголема мета“.
Австралиската полиција, што го истражува нападот, предупреди дека преземање или дури и само пристапување до податоците, може да биде кривично дело. (МИА)