Софистицирани хакерски мрежи вршат кибер напади врз државни и меѓународни организации кои реагираат на пандемијата на коронавирусот, предупреди денеска британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб.
– Постојат различни цели и мотивации кои стојат зад овие напади, од измами, од една страна, до шпионажи, но имаат тенденција да крадат огромно количество лични податоци, интелектуален имот и широки информации, кои ги поддржуваат тие цели, истакна Раб на прес-конференција.
Шефот на британската дипломатија нагласи дека кибер нападите често се поврзани со други државни актери, и изрази очекување дека вакво „предаторско криминално однесување“ може да продолжи и да се развива во следните недели и месеци.
Тој додаде дека Велика Британија презема низа мерки за спречување на таквите закани.