Демонстрантите ги блокираа повеќето главни патишта во Ереван, патиштата на влезот во градот, како и главниот пат кој води кон аеродромот. „АФП“ јавува дека многу продавници се затворени.
Потсетуваме, Народното собрание на Ерменија, во вторникот одржа посебна седница на која би требало да биде избран премиер, а единствен кандидат беше лидерот на опозицијата Никол Пашијан.
Меѓутоа, Пашијан не е избран, за него гласаа 45 од вкупно 105 пратеници, осум помалку од неопходните 53- поради што тој во средата најави генерален штрајк.
Пашијан ги повика своите приврзаници да ги блокираат „улиците, аеродромите, се“, а полицијата ја повика да се приклучи на протестите. Освен тоа, наведе дека протестот ќе прерасне во целосна граѓанска непослушност низ ненасилство.
Според ерменскиот устав, во случај пратениците на првата седница на парламентот да не изберат премиер, новата седница се закажува за седум дена. Доколку ни тогаш не биде избран премиер, парламентот се распушта.
Новата посебна седница на која би требало да биде избран премиер ќе биде одржана на 8 мај.
Ерменија ја потресува политичка криза од 13 април кога опозициските партии организираа протести поради кои, премиерот и претходниот долгогодишен претседател на таа земја, Серж Саргсјан поднесе оставка на 23 април.
Пашијан претходно изјави дека ќе следува “политичко цунами“ доколку владејачката партија одбие да ја подржи неговата кандидатура.