Одлуката на Русија да го скрати производството на нафта за 500,000 барели дневно покажува дека е неспособна да ја продаде суровината, а поради строгите санкции против неа, изјави синоќа заменик – министерот за финансии на САД, Бен Харис.
-Тие го скратија производството затоа што едноставно не можат да продадат (нафтата), не затоа што сакаат да ја користат нафтата и нафтените производи како оружје, рече Харис во излагањето на конференцијата на американската нафтена индустрија „Аргус Америкас“ што деновиве се одржува во Хјустон.
Москва преку својот министер за енергетика, Александар Новак, викендов објави кратење на производството на својата сурова нафта за 500,000 барели во ден, откако земјите од Г-7, ЕУ и Австралија, наметнаа строги санкции за рускиот извоз на нафта и рафинериски производи, вклучително и ограничувања на цените, казнена мерка што се воведе за прпат во историјата на санкциите.
За суровата нафта, ограничувањето на цената е 60 долари за барел за танкерен транспорт, е од 5 декември 2022 година. За рафинериските производи танкерниот транспорт на руски дизел, бензин и други производи што се продаваат со повисока маржа е ограничен на 100 долари за барел, а на производите со пониска маржа, како мазутот – 45 долари за барел. Ограничувањата важат од 5 фебруари.
Ограничувањата имаат за цел да се одржи стабилност на нафтениот пазар, бидејќи Русија е еден од трите најголеми снабдувачи на нафта во светот, а истовремено таа да биде казнета со намалување на нејзините доходи со кои ја финансира војната во Украина.
Пазарот на ЕУ и останатите западни земји сега останува затворен за руската нафта, чиј извоз од декември постојано се намалува, со исклучок на три земји, Бугарија, Унгарија и Словачка, кои побараа грејс период за увоз на руска нафта до крајот на годинава).
Русија се сврти кон азиските пазари, како Кина и Индија, каде својата нафта „Јуралс“ ја продава со дисконт од речиси 100 отсто споредено со цената на „Брент“.
На конференцијата денеска свој настап имаше и поранешниот претседател на САД, Џорџ Буш помладиот.