Поранешната демократска кандидатка за американски претседател, Хилари Клинтон, не ја исклучува можноста повторно да се кандидира за претседател на САД, пишува Хина.
Поранешната државна секретарка и претседателски кандидат на претходните избори во САД во 2016 година, кажа дека се наоѓа „под голем притисок“ да го предизвика Доналд Трамп на претседателските избори следната година, утринава соопшти Би-Би-Си.
-Никогаш не вели никогаш, рече таа за Би-Би-Си.
Клинтон кажа дека „цело време размислува“ за тоа каква претседателка би била да го победеше Трамп пред три години.
-Цело време размислувам каква претседателка ќе бев и што ќе направев поинаку и што тоа ќе значеше за нашата земја и светот, рече оваа поранешна сенаторка од Њујорк.
„Кој и да победи на следните избори ќе има голема задача, ќе мора да исправи се што е уништено“, рече Хилари Клинтон, денеска на возраст од 72 години.
-Под голем притисок сум од многу луѓе да размислувам за тоа, заклучи Клинтон.