Хилари Клинтон во интервју за „Си-би-ес сандеј“ зборувајќи за аферата на нејзиниот сопруг со Моника Левински во Белата куќа рече дека тој не ја злоупотребил моќта бидејќи Моника тогаш имала 22 години и била возрасна жена.
Хилари вели дека Бил Клинтон постапил правилно со тоа што не се откажа од функцијата претседател поради скандалот, кога беше утврдено дека лажел за аферата.
-Да ве прашам нешто. Каде е истрагата за сегашниот претседател против кого се наведени бројни обвиненија, а тој ги негира, отфрла и исмева? Имаше истрага против Бил и верувам дека сè беше утврдено исправно, изјави Хилари Клинтон.
Нејзината изјава следи по објавувањето на наводите за сексуалните престапи против Трамп и претседателот на Врховниот суд, Брет Кавано.
Брачниот пар Клинтон наскоро ќе тргнат на турнеја, на која ќе зборуваат за сето она низ коешто поминале во текот на претходните години, за обвинувањата против Бил во 1998 година и наводите за сексуалните вознемирувања. Претставничкиот дом на САД тогаш бараше негова оставка и покрена истрага, но Сенатот ја одби.
Иако од овој случај поминаа две децении, за него и денеска се зборува. Сенаторката од Њујорк, Кирстен Гилибранд, минатата година во текот на движењето #MeToo изјави дека поранешниот претседател требало да отстапи од функцијата по аферата. Бил Клинтон изјави дека не се согласува со нејзините коментари.