сабота, 30. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Хофрајтер: Забрзување на ЕУ-интеграциите по изборите во Франција

Хофрајтер: Забрзување на ЕУ-интеграциите по изборите во Франција

Пратеникот од редовите на Зелените и претседател на Европскиот одбор на германскиот Парламент, Антон Хофрајтер, оцени дека мора да се забрза проширувањето на Европската унија, изразувајќи надеж дека тоа ќе биде можно по изборите во Франција.

„Во овие тешки времиња, мора да се погрижиме Европската унија и цела Европа да станат посилни и постабилни. За тоа е важно перспективите за пристапување на Албанија и Северна Македонија да бидат мошне, мошне јасни. Затоа сакам конечно да започне пристапниот процес и соодветно да се отворат преговорите, изјави Хофрајтер за „Дојче веле“.

Тој изрази уверување од зголемување на разбирањето во Европа дека регионот на Западен Балкан и Европа ќе станат постабилни и посилни доколку Албанија и Северна Македонија бидат примени во ЕУ.

Хофрајтер рече дека одвојувањето на почетокот на пристапните преговори на Албанија од Северна Македонија, на што посочи албанскиот премиер Еди Рама е можно, но оти е прашање колку тоа има смисла.

„Кога Албанија своевремено се одвои од почетокот на преговорите со Црна Гора, тоа не заврши добро. Сега имаме нова Влада во Бугарија и јас сум оптимист дека таа ќе успее да го укине ветото, додаде тој.

Според Хофрајтер, во прилог на забрзувањето на пристапниот процес за Западен Балкан оди силното проевропско расположение во тие земји.

„Добро е и за самите тие земји да продолжат со реформите и да се приближува интеграцијата кон Европската унија. Второ, покрај предизвикот Европската унија да стане поголема, да прифати повеќе земји, Албанија и Северна Македонија имаат многу да понудат – од возбудливи луѓе до голем регион и огромен потенцијал, на пример кога станува збор за обновливите извори на енергија. Затоа проширувањето на ЕУ со Западен Балкан е вин-вин ситуација за сите вклучени во тоа“, рече тој.

Хофрајтер уште рече дека е малку веројатно Украина или која било друга земја која е во поголема опасност од војна, да биде примена во ЕУ пред земјите од Западен Балкан кои имаат статус на кандидати. „Сепак, со оглед на разорната војна против Украина, ние мора да се грижиме за таа земја, без притоа да заборавиме ниту на Молдавија ниту на Грузија. Предизвиците се едноставно огромни. Сепак, верувам дека тие можат да се надминат доколку има заедништво во ЕУ и ако таа не мисли само на своите сегашни членки, туку и на останатите европски држави. А земјите од Западен Балкан секако се меѓу нив“, додава тој.