понеделник, 25. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Инциденти на грчкиот остров Лезбос

Инциденти на грчкиот остров Лезбос

 Неколку лица се повредени во вчерашните инциденти на грчкиот остров Лезбос меѓу радикално десничарски групи граѓани, бегалци и мигранти кои протестираа на плоштадот во градот Митилини и полицијата.

Инцидентите, според грчките медиуми, завршија во 5.30 часот утрово со интервенција на полицијата, празнење на плоштадот и насилно пренесување на бегалците и мигрантите во прифатниот центар Морија.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, локалните медиуми од островот пишуваат дека се почнало кога група граѓани, радикални десничари, се обиделе да ги нападнат мигрантите и бегалците насобрани на еден од плоштадите, но и полицајците кои ги штителе. Центарот на Митилини се претворил во бојно поле, групата фрлала камења, дрва, пиротехнички материјали кон бегалците и мигрантите, извикувале „запалете ги живи“, а полицијата употребила солзавец. Биле запалени и канти за отпадоци, а неколку лица, повеќето мигранти, биле повредени и пренесени во болница.

Откако се смириле страстите, по неколкучасовните инциденти, полицијата го испразнила плоштадот, а мигрантите и бегалците насилно биле внесени во автобуси и вратени во прифатниот центар Морија, од каде што пристигнале минатата среда за да протестираат. Целата акција на полицијата траела само 10 минути.

Лезбос е еден од грчките острови што се најпогодени од бегалската криза уште од 2015, а бегалците и мигрантите најчесто протестираат против лошите услови и пренатрупаноста на прифатните центри.

МИА