Ирецот Паскал Донахју денеска беше реизбран за претседател на Еврогрупата.
Еврогрупата е неформално тело составено од министрите за финансии на 19-те земји кои го користат еврото како своја валута.
Нејзиниот претседател се избира со консензус на министерски состанок во Брисел.
Четириесет и осумгодишниот Донахју, кој е на функцијата од јули 2020 година, беше единствениот кандидат за претседател.
Претседателот на Еврогрупата е една од личностите од големо значење во Брисел, покрај претседателите на трите големи европски институции – претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, како и шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.
Неговата задача е да претседава со месечните состаноци на министрите за финансии на земјите од Еврогрупата, чија цел е да ги координира националните економски политики на земјите од Еврозоната.
Донахју вети дека ќе вложи напори за решавање на тензиите меѓу северните и јужните земји во Еврогрупата. (МИА)