Граѓаните на Чешка и Ирска гласаат денеска на изборите за Европскиот парламент, откако гласачите во Велика Британија и Холандија гласаа вчера.
Со четиридневно гласање во 28 земји-членки започнува нов политички циклус во Унијата, во кој ќе бидат избрани и новите челници на европските институции.
Исто така, изборите доаѓаат во време на планираното заминување на Обединетото Кралство од Унијата.
Велика Британија и Холандија гласаа вчера, но повеќето од 28-те членки ќе гласаат в недела. Повеќе од 400 милиони гласачи ќе учествуваат на изборите.
Чешките гласачи можат да гласаат денеска и утре, додека ирските избирачки места ќе се затворат денеска навечер.