Поранешната социјалдемократска министерка Франциска Гифеј денеска е избрана за градоначалничка на Берлин со план да се забрза изградбата на станови поради зголемените кирии.
Четириесет и тригодишната Гифеј е првата жена избрана на чело на германскиот главен град, со кој раководи Социјалдемократската партија (СПД) во последните две децении.
Таа беше министерка за семејство во периодот меѓу 2018 и 2021 година во владата на поранешната канцеларка Ангела Меркел.
Таа беше министерка до мај, кога поднесе оставка поради обвинувањата за плагијат на нејзината докторска теза. Подоцна и беше одземен докторатот, но таа остана доследна на својот план да се кандидира за градоначалничка на Берлин.
Гифеј веќе им била позната на граѓаните на Берлин пред да ѝ се приклучи на националната влада во 2018 година како популарна градоначалничка на берлинската област Нојкелн, која има висока стапка на сиромаштија и многу семејства со имигрантско потекло.
Како градоначалничка на Берлин, таа ги истакна станбените прашања како свој главен приоритет.
Една од главните мисии наведени од трите владини коалициски партнери е да се изградат најмалку 200.000 станови до 2030 година во Берлин, кој секоја година привлекува се повеќе жители.
Високите цени за изнајмување долго време се една од главните теми во Берлин. Надлежните на новата градоначалниќка ќе треба да одлучат што ќе прават со резултатите од необврзувачкиот референдум одржан во септември, според кој гласачите го поддржаа повикот локалната власт да изврши експропријација на околу 240.000 станови од корпоративни сопственици. (МИА)