Буџетите за одбрана на земјите во светот забележуваат најголем пораст во последните 10 години, а главна заслуга за ваквиот развој имаат земјите од НАТО, покажува извештај на Институтот Ај-Ејч-Ес Маркит (IHS Markit).
Во извештајот стои дека трошоците за одбрана во 2018 година во светот се зголемиле за 4,9 отсто, односно на 1,78 трилиони долари. Земјите членки на НАТО се „локомотивата“ на овој раст поради зголемувањето (од 5,8 проценти) на нивните буџети за одбрана – до 54 милијарди долари – главно благодарение на САД.
Расходите на земјите од НАТО во 2019 година ќе надминат еден трилион долари, во споредба со 989 милијарди долари во 2018 година.
Според извештајот, поради растот на цените на нафтата, Саудиска Арабија ја поминала Франција, симнувајќи ја од петтото место во светот, со буџет од 56 милијарди долари во 2018 година, во споредба со 53,6 милијарди долари колку што изнесува буџетот на Франција, која исто така ги зголеми трошоците за одбрана.
Во исто време, Иран ги престигна Израел и Канада и се рангира на 15-то место.
Во извештајот се истакнува дека во годинава што истекува е надминат рекордот од периодот по Студената војна, регистриран во 2010 година, кога трошоците за одбрана изнесувале 1,69 трилиони долари.
Ај-Ејч-Ес Маркит подвлекува дека во 2019 година, девет земји од НАТО ќе достигнат два проценти од нивниот бруто-домашен производ, додека во 2014 година тие беа само четири. Тоа ќе бидат САД, Грција, Естонија, Литванија, Летонија, Велика Британија, Полска, Романија и Франција.
Само САД во 2018 година буџетот за одбрана го зголемија за 46 милијарди долари до 702,5 милијарди долари, со зголемување за седум проценти на буџетот на Пентагон, што е најголемо покачување од 2008 година.
Во 2018 буџетите за одбраната во Западна Европа се зголемија трета година по ред на 248 милијарди долари ( за 2,4 проценти). Се очекува дека тие да продолжат да растат и во 2019 година ( за 3,6 отсто), како резултат на 11 отсто зголемување на трошоците за одбраната за Германија.
Во 2018 година буџетите за одбрана на земјите од Азиско-Тихоокеанскиот регион се зголемиле за 3,6 отсто – помалку отколку во светски рамки, но достигнаа рекордни 465 милијарди долари.
Буџетите за одбраната во Латинска Америка се зголемиле за 10,4 проценти во 2018 година на 62 милијарди, а само расходите на Бразил изнесуваат 29,9 милијарди долари.
МИА