Јапонија денеска успешно лансираше ракета во вселената, која нoси сателит наменет за собирање информации за движењата на воените објекти во Северна Кореја и за подобрување на одговорот на природни катастрофи.
– Ракетата Х-2 A лансирана од компанијата „Мицубиши хеви индустрис“ (Mitsubishi Heavy Industries) успешно го напушти космодромот Танегашима, југозападна Јапонија, носејќи го сателитот ИГС-Радар 7, кој непречено влезе во планираната орбита, соопшти компанијата.
Сателитот може 24 часа дневно да собира снимки од Земјата, дури и во најнеповолни временски услови, како и да предупреди на евентуален ракетен напад или природна катастрофа.
– Владата максимално ќе ги искористи ИГС-Радар 7 и другите сателити за да ја подобри националната безбедност на Јапонија и успешно да се соочи со кризи, изјави јапонскиот премиер Фумио Кишида по повод успешното лансирање на сателитот.
Мицубиши исто така подготвува нова ракета Х3 за пробен лет во февруари, а таа ќе биде наследник на ракетата со течно гориво Х-2 A, која ќе биде повлечена во 2024 година.