Јапонскиот цар Акихито денеска ќе му го отстапи престолот на својот син Нарухита. По три децении владеење 85-годишниот цар Акихито ќе абдицира, што е прв таков случај по речиси 200 години.
Царот Акихито уште во август 2016 година најави дека поради возраста и здравствени причини ќе го отстапи престолот. Неговата абдикација е одобрена од страна на јапонската Влада.
Според јапонскиот Устав, царот е симбол без политичка моќ. Но, во законот за јапонската царска куќа нема одредба за абдикација, затоа јапонската Влада донесе еднократен закон со кој се дозволува Акихито да го отстапи престолот.
Абдикацијата е една од промените што ги воведе Акихито во палатата. Тој е првиот цар што се ожени со граѓанка, царицата Мичико и одлучи да биде кремиран по смртта, со што ја менува вековната традиција на погребување.
Царот Акихито по абдикацијата ќе има нова титула, император емеритус, но во целост ќе биде ослободен од службените обврски. Тој дури нема да присуствува на сукцесијата на својот син и главно ќе се повлече од јавните настапи.
Последната абдикација во Јапонија се случи пред околу 200 години за време на феудалниот период Едо, кога царор Кокаку абдицира во корист на својот син Нинка.