Американската министерка за финансии Џенет Јелен денеска го повика Конгресот „да гласа за зголемување или укинување на плафонот на долгот“ и тоа да го направи „безусловно“.
Планот, претставен на 17 април од страна на републиканскиот претседател на Претставничкиот дом, Кевин Мекарти, предлага намалување на владините трошоци за 4,5 трилиони долари. За возврат, тие се обврзуваат да ја зголемат границата за 1,5 трилиони долари. Доколку тоа ниво не се достигне до 31 март 2024 година, ќе биде потребно ново гласање за да се задржи растот на долгот.
Досега, републиканците и демократите не беа во можност да се договорат за ова прашање, со што САД се изложени на ризик од неисполнување на долгот „веројатно на почетокот на јуни“, предупреди „Мудис аналитика“.
Ваквото неисполнување на обврските, без преседан во историјата на земјата, „ќе предизвика економска и финансиска катастрофа“, нагласи Јелен во говорот во сојузната држава Калифорнија.
„Долгорочно, неисполнувањето на обврските ќе ја зголеми вредноста на заемите, а идните инвестиции ќе бидат значително поскапи“, истакна американскиот министер за финансии.
Под овие услови, „Конгресот мора да гласа за подигање или укинување на плафонот на долгот. Ова мора да се направи безусловно и да не се чека до последен момент“, нагласи Џенет Јелен.
Прашањето за плафонот на долгот веќе неколку недели е актуелно за Белата куќа и Претставничкиот дом во кој доминираат републиканците, а повторно се појави по објавувањето на кандидатурата на Џо Бајден за уште еден мандат во 2024 година.
Во оваа прилика, Кевин Мекарти на Твитер напиша дека Џо Бајден се чини дека е „фокусиран на сопствената политичка иднина кога треба да размислува за иднината на САД“.
Претседателот „Бајден требаше да објави дека конечно ќе дојде на преговарачка маса за одговорно да разговара за подигање на плафонот на долгот и да го избегне првото неплаќање во нашата историја“, напиша Мекарти на Твитер.
На почетокот на март, претседателот на Управниот одбор на Федералните резерви на САД, Џером Пауел, истакна дека подигнувањето на плафонот е „единствениот излез што ќе ни овозможи да ги платиме сите наши долгови“.