Проширениот црноморски регион мора да биде заштитен од ефектите на руската војна против Украина, изјави романскиот претседател Клаус Јоханис во својот говор на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Тој потсети дека „од првиот ден на војната, Романија дејствува во целосна солидарност со храбриот украински народ“.
– Ќе продолжиме да нудиме безбедно засолниште и да ги штитиме бегалците кои доаѓаат од соседната земја, како што направивме за повеќе од шест милиони Украинци кои веќе ги поминаа нашите граници. Целосно ја поддржуваме мировната формула предложена од украинската страна како најсоодветна рамка, која ќе доведе до праведен, траен и одржлив мир. Ние, исто така, го поддржуваме почитувањето на меѓународното право и меѓународната одговорност, и сите одговорни за злосторствата да бидат изведени пред лицето на правдата, рече Јоханис.
Романскиот претседател потсети на важноста на регионот во кој се наоѓа неговата земја, како и на фактот дека Романија секогаш ја нагласувала потребата т.н. долготрајни или замрзнати конфликти во регионот да се задржат на дневен ред со приоритетен интерес и дека земјата обезбеди „суштинска поддршка“ за Република Молдавија, „најпогодената земја од војната по Украина“.
– Романија е непосреден сосед на тековната руска агресивна војна против Украина и ние дејствувавме со сета наша енергија за да придонесеме значително за регионалната и меѓународната безбедност и стабилност. Оваа војна покажа дека на Црното Море му треба повеќе внимание на глобално ниво, затоа што е од стратешко значење за трансатлантската безбедност, нагласи Јоханис.
Романија нема да ги напушти своите најранливи партнери, изјави и Јоханис, мислејќи на транзитот на украинско жито низ територијата на Романија.
– Со одлуката да се прекине иницијативата за извоз на жито преку Црното Море и со нападите на украинските пристаништа, Русија уште повеќе ја продлабочува глобалната криза со храна. Уште еднаш ја повикуваме Руската Федерација да ја прекине блокадата на иницијативата. Како директен сосед на Украина и одговорен и солидарен меѓународен актер, Романија одигра активна улога во глобалните напори за безбедност на храната. Од почетокот на војната, го олеснивме снабдувањето на преку 25,5 милиони тони жито што доаѓа од Украина, рече Јоханис.
Во тој контекст, романскиот претседател истакна дека Романија нема да ги напушти најранливите партнери „на кои им е потребна поддршка, особено помалку развиените земји, вклучително и во Африка“.