Јорданскиот крал Абдула Втори денеска во многу остро писмо јавно го потврди своето несогласување со својот полубрат принцот Хамза и го официјализираше куќниот притвор на поранешниот престолонаследник, нарекувајќи го „нестабилен“.
Како што е наведено во посмото, кралот одобрил притворање на принцот Хамза во неговата палата и ги ограничил неговите комуникации и движење, наведувајќи ги како причина „непредвидливото однесување и аспирациите“ на полубратот.
„Ќе му обезбедиме на Хамзи сè што сака да живее удобно, но тој нема да го има просторот што некогаш го злоупотребил за да ја навреди нацијата, нејзините институции и неговото семејство, за да ја поткопа стабилноста на Јордан“, напиша кралот.
Писмото е најновото поглавје во кавгата на кралскиот двор. Помладиот член на кралското семејство прво беше приведен, а во јавноста стигнаа внатрешни недоразбирања, кои досега не се случиле.
Хамза и Абдула се синови на кралот Хусеин, кој владееше со Јордан речиси половина век, до неговата смрт во 1999 година.
По неговото крунисување, Абдула го назначи Хамза за наследник на тронот, но во 2004 година му ја одзеде оваа титула.
Хамза и лани во април беше ставен во домашен притвор поради наводен заговор за дестабилизација на оваа прозападна хашемитска монархија.
Принцот Хамза во март му се извини на кралот, судејќи според писмото објавено од кралската палата, и изрази надеж дека може да се сврти нова страница во ова поглавје од историјата на нивната земја и семејство.