Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер предложи посредништво меѓу Словенија и Хрватска, која ја отфрли одлуката на меѓународната арбитража и со тоа на Љубљана и се додели суверенитетот врз малиот Пирански залив во Јадранското Море.
– Сакаме да се обидеме да посредуваме меѓу двете позиции, очевидно врз основа на одлуката на арбитражниот суд, истакна Јункер, без да навлегува во детали за планираното посредување.
Во јуни Постојаниот арбитражен суд во Хаг пресуди дека над две третини од Пиранскиот залив и припаѓаат на Словенија, со цел да стави крај на спорот кој датира од распадот на Југославија пред 25 години.
Арбитражниот суд го посочи 30 декември 2017 година за датум за стапување во сила на одлуката. Но, Хрватска, која има претензии врз половина од оваа морска територија, ја отфрли арбитражата и на 30 декември утрото три хрватски рибарски бродови, придружувани од патроли на хрватската полиција, влегоа во водите, доделени на Словенија од страна на судот.
Јункер го искористи поводот за посетата на Брисел на новиот словенечки претседател Борут Пахор, за да ги искритикува Словенија и Хрватска поради овој спор.