Претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер, пред Европскиот Парламент во Брисел побара од турските власти веднаш да и стават крај на операцијата во Сирија.
– Турција мора веднаш да ја запре воената операција која е во тек, таа нема да донесе никакви резултати. Ако планот на Турција е да создаде безбедносна зона не очекувајте финансии од Европската Унија – изјави попладнево Јункер.
Турските воени сили денеска влегоа во воена офанзива во северниот дел на Сирија чија цел се припадниците на терористичката Исламска држава, но и курдските борци кои Анкара ги обвинува дека соработуваат со движењето за независност на Курдистан во Турција, ПКК. Турските власти оваа партија ја сметаат за терористичка и тврдат дека Курдите подготвуваат „терористички коридор“ на јужната граница.
Офанзивата започна непосредно по напуштањето на американските воени сили на овој дел на Сирија.