Компанијата Јутјуб им забрани на рускиот државен медиум РТ и други руски канали да добиваат пари од рекламите што се прикажуваат со нивните видеа, сличен чекор како што презема и Фејсбук откако Русија почна со инвазија на Украина.
Повикувајќи се на „вонредните околности“ компанијата објави дека ја суспендира можноста голем број канали да да мометизираат од Јутјуб, усогласувајќи се со санкциите кои беа воведени кон Русија.
За потсетување, ЕУ во средата објави санкции за поединци од Русија, меѓу кои се најде и Маргарита Симонјан, главна уредничка на РТ која беше опишана како клучен играч во руската пропаганда.
Од компанијата потврдија и дека видеата од РТ и други руски канали повеќе нема да бидат достапни во Украина откако такво барање упати украинската влада. Пред оваа потврда од Јутјуб, украинскиот министер за дигитална трансформација, Михаило Федеров, објави дека контактирал со компанијата „за да ги блокира пропагандистичките руски канали, како што се Русија 24, ТАСС, РИА Новости“.
„Ројтерс“ потсетува и дека Русија добила околу 7 до 32 милиони американски долари во текот на двегодишен период (заклучно со декември 2018) токму од реклами на 26 руски канали на Јутјуб.
Претходно, и Фејсбук донесе одлука да им забрани на руските државни медиуми да прикажуваат реклами и да монетизираат на платформата, каде било во светот. Од компанијата, исто така, порачаа дека ќе продолжат да применуваат етикети на дополнителни руски државни медиуми.
„Внимателно ја следиме ситуацијата во Украина и ќе продолжиме да ги споделуваме чекорите што ги преземаме за да ги заштитиме луѓето на нашата платформа“, рече шефот за безбедносна политика во компанијата, Натаниел Глејхер.
Од друга страна и Русија како одговор делумно го блокираше Фејсбук, но и Инсаграм кој е во сопственост на истата компанија, а рускиот регулатор за комуникации „Роскомнадзор“ го обвини Фејсбук за кршење на „фундаменталните човекови права и слободи, како и правата и слободите на руските граѓани“.
Исто така, руските власти го ограничија и Твитер.
„Свесни сме дека Твитер е ограничен за некои луѓе во Русија и работиме да ги одржуваме нашите услуги безбедни и достапни“, потврдија од компанијата.