Црногорската полиција денеска уапсила маж за кој има сомневања дека е еден од најбараните бегалци во светот.
-Станува збор за јужнокорејскиот државјанин До Квон, ко-основач и извршен директор на компанијата „Тераформ лабс“ од Сингапур, соопшти црногорскиот министер за внатрешни работи Филип Аџиќ, додавајќи дека се уште се чека на официјалната потврда за идентитетот.
Министерот Аџиќ нагласи дека поранешниот „крал на криптовалутите“, кој стои зад загубите од повеќе од 40 милијарди долари, бил приведен на аеродромот во Подгорица со фалсификувани документи, пренесе РТЦГ.
Јужнокорејецот, покрај неговата земја, го бараат и САД и Сингапур.
До Квон (32) стана познат во крипто заедницата во 2019 година по блокчејн мрежата Тера и двете криптовалути Луна и ТераУСД, кои многу инвеститори ги направија милионери до мај 2021 година.
На пошироката јавност и стана познат во мај минатата година кога овие две валути пропаднаа и нивната вредност падна на нула. (МИА)