сабота, 16. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Како се одвивало пукањето во кое Болдвин ја уби снимателката, објавени детали (ВИДЕО)

Како се одвивало пукањето во кое Болдвин ја уби снимателката, објавени детали (ВИДЕО)

Глумците и филмската екипа на филмот „Раст“ штотуку се вратиле од ручек кога се случило тоа.

Во еден момент, актерот Алек Болдвин и уште неколкумина вежбале сцена во дрвената црква на правливиот сет за снимање вестерн, кој требало да личи на Канзас од 1880-тите. Веќе во следниот момент две лица крвавеле од прострелни рани, од кои едната излезе фатална.

На сетот владееле конфузија и шок.

Си-ен-ен дава преглед од момент во момент за тоа како дошло до трагедијата, во која животот го загуби директорката на фотографија Халина Хачинс, врз основа на записникот поднесен по претресот и повикот на 991.

Ненадејно на сетот се слушнал истрел

Филмот се снимал минатиот четврток на ранчот Бонанза Крик, на филмски сет за снимање вестерни веднаш до Санта Фе, Њу Мексико. Болдвин во филмот игра белокос одметник што бега од власта со својот 13-годишен внук.

Утрата на филмскиот сет обично почнувале со појадок во 6.30 часот, но тој ден се доцнело. Шестчлена снимателска екипа го напуштила сетот непосредно пред трагедијата поради поплаки за платата и сместувањето. Била донесена нова екипа.

Дури и со доцнењето поради тоа, се чинеше дека снимањето продолжува без проблем, им рекол режисерот Џоел Суза на замениците шерифи на округот Санта Фе во изјава за полицијата.

Болдвин и членовите на тимот почнал да ја вежбаат сцената во разурнатата црква, паузирале за ручек, а потоа се вратиле на сетот.

Болдвин, облечен во облека каква што гледаме во вестерните, бил во близина на Суза, директорката на фотографија Хачинс, и уште неколку луѓе во едноставната дрвена конструкција. Била поставена една камера, но бидејќи сцената допрва се вежбала, ништо не се снимало.

Помошникот на режисерот Дејв Холс донел пиштол-реквизит од количка пред црквата и извикал „Ладен пиштол!“, сакајќи да му укаже на оној што ќе го користи дека не е наполнет. Потоа му го предал на Болдвин, кој седел на црковната клупа и гледал во камерата и во екипата зад неа.

Болдвин демонстрирал „вкрстено извлекување“, извлекување на пиштолот од футролата на страната на телото спротивно од раката. Сцената барала од него да го впери пиштолот кон камерата.

Било околу 13:50 часот, а Суза на полицијата ѝ рекол дека ја гледал сцената преку камерата и околните монитори кога слушнал „нешто што звучело како фиук од камшик, а потоа и гласно бум“.

Хачинс се превртела наназад и паднала на земја, држејќи се за стомакот и велејќи дека не ги чувствува нозете. Суза, кој стоел до неа, забележал крв на своето рамо.

Одеднаш настанал хаос на филмскиот сет.

Снимателската екипа веднаш реагирала, лекарот се обидел да го спречи крвавењето на Хачинс, додека други избезумено викале брза помош.

На 911 се јавила жена што се претставила како организатор на снимањето

Во повикот до 911 жена што се претставила како организатор на снимањето, личност што директно му одговара на режисерот и честопати се нарекува негова десна рака, ѝ раскажала на диспечерката што се случило.

„Две лица се случајно застрелани на филмски сет од пиштол-реквизит. Ни треба помош веднаш“, рекла жената, според транскриптот објавен од Си-ен-ен.

„Режисерот и директорката на фотографија се застрелани“, додала таа.

Диспечерката прашала дали пиштолот бил наполнет со вистински куршум.

„Не можам да ви одговорам на тоа“, рекла жената.

„Имаме двајца повредени од филмскиот сет, истрел… Седев, вежбавме и кога почна, истрчав надвор. Сите истрчавме надвор. Тие се виткаа од болка, директорката на фотографија и режисерот.“

Тогаш организаторката почнала да пцуе засега непознато лице од сетот поради безбедноста на оружјето.

Дошол уште еден повик до 911, овој пат од непознат маж на сетот. Диспечерката му рекла дека брзата помош е на пат и му дала инструкции како да го запре крвавењето на жртвите.

Јавувачот одговорил дека лекарот од сетот веќе почнал да им дава помош на застреланите. Во заднината се слуша какофонија од гласови.

Инспекторите ја зеле облеката на Болдвин

Набргу потоа пристигнала и полицијата.

Хачинс (42) со хеликоптер била пренесена во болница оддалечена околу 90 километри во Албакерки, каде што била прогласена за мртва. Суза (48) добил со прострелна рана на десното рамо и се опоравува.

Избезумениот Болдвин се пресоблекол во својата обична облека и крвавите алишта од сетот ѝ ги дал на полицијата. Пиштолот-реквизит ѝ го дал на оружарката, лице што го надгледува огненото оружје на филмските сетови, која ја извадила потрошената чаура и им ја предала на детективите.

Инспекторите пронашле уште два реквизит-пиштоли, вестернски појас за пиштол и неколку куршуми.

Сѐ уште не е јасно што имало во пиштолот од кој пукал Болдвин. Детективите откриле дека оружарката, Хана Гутиерез, ставила три пиштол-реквизити на количката пред Холс, помошник-режисерот, да земе еден и да му го даде на Болдвин.

Суза, режисерот на филмот, им рекол на истражителите дека верувал дека пиштолот е празен и безбеден.

Детективите побарале налог за претрес за да земат што повеќе предмети како доказ, вклучувајќи оружје, муниција, камери, мемориски картички и компјутери.

Пет дена по трагедијата има повеќе прашања отколку одговори

Филмската индустрија сега ја оплакува Хачинс, која ја гледаа како холивудска ѕвезда во подем. Болдвин рече дека срцето му е скршено.

Ранчот Бонанза Крик, кој се користеше за снимање на повеќе вестерни и ТВ-серии, сега е затворен. Продукцијата најави дека снимањето на филмот „Раст“ ќе биде стопирано, барем додека не заврши истрагата за трагедијата.

Пет дена подоцна, сѐ уште има повеќе прашања отколку одговори.