Поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ, кој е осуден на доживотен затвор поради извршени воени злосторства, му се пожалил на своето семејство дека живее во нездрави услови во затворот во Велика Британија, каде што беше префрлен оваа недела, бидејќи таму има азбест, како и дека не му се почитуваат верските права.
Ќерката на Караџиќ, Соња Јовичевиќ потврди за медиумите во Република Српска дека нејзиниот татко сега се наоѓа в затвор во пошироката околина на Саутемптон, откако претседателот на Хашкиот трибунал, Кармел Агиус, на почетокот на овој месец одлучи дека тој ќе го отслужи остатокот од доживотната затворска казна во Велика Британија.
Таа не го откри точното име на затворот, но истакна дека Караџиќ бил испратен на југот на Англија, со цел на членовите на семејството да им бидат потешки посетите.
– Што се однесува до физичката состојба во која е пренесен и каде е сместен, тоа е неприфатливо. Ако на тоа се додаде и фактот дека тој е сместен во зграда полна со канцероген азбест, кој е забранета во светот, тогаш јасно е во какви услови се наоѓа, истакна Јовичевиќ, која сега е пратеник во Парламентот на РС.
Судот во Хаг правосилно го осуди Караџиќ на доживотен затвор во 2019 година, а второстепениот совет му ја зголеми казната од 40 години затвор, досудена во првостепената постапка.
Тој беше прогласен за виновен поради извршени најтешки воени злосторства, вклучително и за геноцид во Сребреница и етичкиот прогон на Бошњаци и Хрвати, тероризирање на Сараево и земање мировници на ОН како заложници.