сабота, 11. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Катастрофалните поплави однесоа скоро 200 животи во Европа: Исчезнаа градови и патишта, луѓе останаа без кров над глава (ФОТО)

Катастрофалните поплави однесоа скоро 200 животи во Европа: Исчезнаа градови и патишта, луѓе останаа без кров над глава (ФОТО)

Најмалку 189 лица загинаа, а стотици се водат за исчезнати по катастрофалните поплави што погодија голем дел од Западна Европа. Десетици илјади луѓе не можат да се вратат во своите домови, а многумина останаа без струја и вода за пиење.

Поплавите, предизвикани од обилните дождови, најпрво погодија делови од Западна Германија, пред да се прошират во соседните Белгија и Холандија.

Неколку области низ северна Холандија беа евакуирани откако во саботата реката Мас се искачи на нивоа што не се гледаат повеќе од 100 години. Во Венлоу, град од десната страна на реката, 10 000 луѓе мораа да ги напуштат своите домови.

Брзиот пораст на водостојот ги принуди доброволците и армијата да се борат со времето во саботата за да го подготват градот за поплавување. Кеси со песок беа поставени како брана, додека инженерите се фокусираа на зајакнување на насипот откако во петокот пукна еден таков насип во провинцијата Јужен Лимбург, предизвикувајќи големи поплавувања во околните области.

Подготовката се исплатеше – а насипот и одбраната од поплави траеја цела ноќ и не се очекуваат поголеми поплави.

Во Германија, во меѓувреме, откриен е вистинскиот обем на пустошот предизвикан од поплавите, откако водата се смири за време на викендот, оставајќи зад себе пустош, кал и хаос.

Цели градови, патишта и железници исчезнаа, а најмалку 160 лица загинаа во поплавите, кои германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер ги опиша како „најголемата природна катастрофа“ во последните 100 години.

Повеќето од жртвите се пријавени во западната држава Рајнска област-Пфалц, каде 110 лица го загубија животот, се вели во соопштението објавено од полицијата во неделата.

Германската канцеларка Ангела Меркел го посети Шулд, еден од најпогодените градови, во неделата и рече дека уништувањето е „надреално“.

– Шокантно е – можам да кажам дека германскиот јазик нема збор за уништување – рече Меркел. Таа вети дека нејзината влада брзо ќе обезбеди финансиска помош.

Премиерот на државата Рајнска област-Пфалц рече дека областа е „место на ужас и уништување“.

Белгискиот национален центар за кризи во неделата соопшти дека ситуацијата постепено се подобрува низ целата земја и дека областите погодени од поплавите се „надвор од непосредна опасност“.

Потрагата по жртви продолжува, а најголемиот проблем во овој момент е недостаток на вода за пиење во некои од најтешко погодените области. Најмалку 31 лице беше убиено.

Спасувачките акции се завршени, но се продолжува со потрагата по бројните подрачја, рече центарот.

Разорните поплави следеа откако делови од Западна Европа доживеаа историски нивоа на врнежи, а количината на дожд што обично паѓа за повеќе од еден месец падна за 24 часа.

Келн, во државата Северна Рајна-Вестфалија, во четвртокот наутро забележа 154 милиметри дожд за 24 часа, што е скоро двојно повеќе од просекот на месецот за јули – 87 милиметри.

Во округот Арвулер, за девет часа падна дожд од 207 мм. Обилните врнежи од дожд доведоа до екстремни поплавувања, откако нивоата на реките се зголемуваа од минута во минута.

И покрај тоа што е рано за научниците да кажат каква е улогата на климатските промени во овие поплави, екстремните врнежи од дожд, како оние што се гледаат оваа недела во Западна Европа, стануваат се почести и посериозни.