Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун го разреши началникот на Генералштабот и повика на дополнителни подготовки за можна војна, како и зголемено производство на оружје и проширени воени вежби, објави денеска државниот медиум КЦНА.
Ким ова го соопшти на состанокот на Централната воена комисија, на која се разговараше за плановите за контрамерки поврзани со одвраќање на неименуваните непријатели на Северна Кореја, соопшти КЦНА.
Началникот на Генералштабот Пак Су-ил е разрешен, јави КЦНА, без да даде детали. На таа позиција беше околу седум месеци. Пак дојде на местото на генералот Ри Јонг-гил, кој претходно беше министер за одбрана на земјата и врховен командант на нејзините конвенционални трупи.
Ри, исто така, претходно ја извршуваше функцијата началник на Генералштабот. Кога беше сменет во 2016 година и отсуствуваше од официјални настани, во Јужна Кореја се шпекулираше дека е погубен. Тој повторно се појави неколку месеци подоцна кога беше назначен на друга, повисока функција.
Ким, исто така, има за цел да го прошири капацитетот за производство на оружје, се вели во извештајот, без да се наведат детали. Минатата недела тој посети фабрики за оружје каде повика на изградба на повеќе ракетни мотори, артилерија и друго оружје.
Ким, исто така, ја повика војската да спроведе вежби со најново оружје и опрема за да биде подготвена за борба. Северна Кореја треба да одржи парада на милициите на 9 септември по повод 75-годишнината од основањето на Републиката.
Северна Кореја има бројни паравоени групи кои ги користи за да ги зајакне своите воени сили.
САД и Јужна Кореја ќе одржат воени вежби меѓу 21 и 24 август, што Северна Кореја ги смета за закана за нејзината безбедност. (МИА)