Северна Кореја неодамна воведе нов закон, со кој сака да спречи какво било странско влијание, строго казнувајќи ги оние кои поседуваат странски филмови, облека, па дури и ако користат сленг.
Животот во Северна Кореја е во постојан „локдаун“ без интернет, социјални медиуми, а има само неколку државни телевизиски канали, на кои се прикажува она што треба да го слушне народот од лидерите, објави Би Би Си.
Меѓутоа, севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун сега воведе нов, сеопфатен закон против она кое режимот го опишува како „реакционерна мисла“.
Имено, на секој кој ќе биде фатен со големо количество видео содржини од Јужна Кореја, САД или Јапонија, му следува смртна казна, а на оние кои гледаат такви снимки им се заканува 15 години затворска казна.
Неодамна Ким Џонг-ун испрати порака преку државните медиуми, во која ја повика Лигата на млади да преземе мерки против „индивидуалистичкото, антисоцијалистичко однесување“ меѓу младите, а сега сака да ја прекине употребата на странски изрази, фризури и облека, за кои смета дека се „опасни отрови“.
Политички аналитичари оценија дека севернокорејскиот лидер се обидува да ги запре надворешните информации кои доаѓаат до луѓето во Северна Кореја, бидејќи, како што велат, животот во земјата станува сè потежок.
Се1верна Кореја сега, откако ги затвори своите граници поради пандемијата, е отсечена од надворешниот свет повеќе од кога било досега, па дури и трговијата со соседна Кина и приливот на витални залихи се речиси целосно прекинати, јави Би Би Си.