Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ѝ нареди на војската да ја стабилизира дистрибуцијата на лекови за Ковид-19 во Пјонгјанг, во борбата против првото потврдено избивање на вирусот во земјата, јавија државните медиуми.
Минатата недела, Северна Кореја информираше за првото избивање на „експлозивна“ епидемија, откако над две години тврдеше дека во земјата нема заразени. Експерти предупредуваат оти тоа може да предизвика бројни проблеми во земјата, што е ограничена со медицински залихи и без програма за вакцинација.
Лекови што ги набави државата, не стигнувале до поединци навремено и точно, истакна Ким на итниот состанок на Политбирото во текот на вчерашниот ден. Потоа, лидерот ги посети аптеките низ главниот град на земјата, наведуваат медиумите.
Ким нареди итно распоредување на „моќните воени сили“ за да се „стабилизира снабдувањето со лекови во градот Пјонгјанг“, пишуваат медиумите. (МИА)