Кинеските државни хакери од мај тајно пристапувале до налозите за електронска пошта на околу 25 организации, вклучувајќи ги Стејт департментот, Министерството за трговија и „Мајкрософт“.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, изјави дека САД „многу брзо“ откриле што се случува и дека успеале да спречат натамошен хакерски продор.
Меѓу хакираните налози е и тој на американската министерка за трговија Џина Рајмондо, објави „Вашингтон пост“.
Претходно, компанијата „Мајкрософт“ соопшти дека зад шпионажата стои хакерската група Сторм-0558 (Storm-0558), која е поврзана со кинеската држава.
Тие фалсификувале дигитални токени за автентичност на пристапот до е-пошта на сервисите на Мајкрософт Аутлук (Microsoft Outlook), а нивната активност започнала во мај, тврди американската компанија.
„Мајкрософт“ преку своите администратори контактираше со нападнатите организации и им соопшти важни информации кои ќе им помогнат да го истражат овој случај и да одговорат во врска со него“, се вели во соопштението.