четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Клаудија Бух именувана за нова претседателка на Надзорниот одбор на ЕЦБ

Клаудија Бух именувана за нова претседателка на Надзорниот одбор на ЕЦБ

Советот на ЕУ денеска ја именува потпретседателката на германската централна Бундесбанка, Клаудија Бух за нова претседателка на Надзорниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ), функција со мандат од пет години, што ќе почне да ја извршува од 1 јануари 2024 година.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Бух ќе ја наследи Андреа Енрија, која ја е претседател на Надзорниот одбор на ЕЦБ од 1 јануари 2019 година.

Претходно, назначувањето на Бух го одобри и Европскиот парламент на своето заседание на 3 октомври.

ЕЦБ во рамките на Единствениот надзорен механизам има ингеренции за директен надзор над најзначајните банки во ЕУ. Во моментов под директен надзор на ЕЦБ се вкупно 109 банки, кои се најголеми во нивните матични земји, располагаат со актива од повеќе од 30 милијарди евра или функционираат со свои подружници во неколку држави. На овие 109 банки отпаѓаат 82 отсто од вкупните банкарски средства во ЕУ.

Како тело за супервизија ЕЦБ внимателно ги следи на функционалноста и интегритетот на европскиот банкарски систем и има овластување да врши инспекции за да ја провери усогласеноста на банките со правилата на ЕУ, да бара од нив да издвојат дополнителен капитал за да ги ублажат ризиците, а може дури и да ги повлече издадените банкарски лиценци.