четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Кралот Чарлс Трети одржа говор пред францускиот Сенат

Кралот Чарлс Трети одржа говор пред францускиот Сенат

За време на вториот ден од државната посета на Франција, кралот Чарлс Трети им се обрати на парламентарците во Сенатот.

Кралот изјавил дека Украина „мора да ја добие војната против ужасната руска инвазија“.

Тој потсети на единството на Велика Британија и Франција за време на Втората светска војна, велејќи дека и денеска има потреба „заедно да се спротивстават на неиспровоцираната агресија на нивниот континент“.

„Заедно сме непоколебливи во нашата одлучност дека Украина ќе триумфира“, изјави кралот Чарлс пред претставниците на Сенатот.

Во говорот, кралот и оддаде почит на кралицата Елизабета Втора, велејќи дека „во богатата и сложена таписерија на односите меѓу Франција и Обединетото Кралство, златната нишка на неговата мајка засекогаш ќе сјае“.

Според планот за вториот ден од посетата, кралот Чарлс Трети ќе се сретне со спортските групи во предградијата на Париз и ќе ја посети катедралата Нотр Дам, во која во тек се реставраторски работи.

Британскиот крал Чарлс Трети и неговата сопруга кралицата Камила се во тридневна државна посета на Франција.

Ова е прва официјална посета на Чарлс како британски крал, која има за цел да го истакне пријателството меѓу Обединетото Кралство и Франција.

Покрај сериозните теми, во прв план беше и свечената вечера на која присуствуваа многу познати личности.

Меѓу поканетите беа британскиот актер Хју Грант, писателот Кен Фолет, пејачот на Ролинг Стоунс, Мик Џегер, како и поранешната фудбалска ѕвезда на лондонски Челзи, Дидие Дрогба.