Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави дека неговата земја не планира, како Данска, да го забрани палењето на Куранот.
-Секоја земја, која е изложена на акутни закани, самата го избира свој начин да се справи со нив. Имам многу почит за тоа што Данска го прави во моментов, рече Кристерсон, пренесен од шведскиот јавен радиодифузен сервис SVT.
Тој додаде дека Владата на Шведска не верува дека треба да го следи примерот на Данска.
-Промената би барала уставна измена, па затоа не е најсоодветна за Шведска, рече Кристерсон.
Данската влада вчера објави дека планира да го забрани палењето на Куранот, бидејќи повеќе сквернавења на исламската света книга во земјата предизвикаа незадоволство во муслиманските земји.
Со оваа мерка ќе биде „забранет несоодветен третман на предмети со значајно религиозно значење“, соопшти министерот за правда, Питер Хумелгард, на прес-конференција, пренесе Блумберг.
Според него, целта на предложениот закон е особено насочена кон палења и сквернавења на јавни места.
Палењето на Куранот во Данска и Шведска оваа година предизвика протести во некои муслимански земји, а двете земји последователно ги засилија безбедносните мерки.