сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Ле Дријан: Оружјето од Балканот е се поголема закана за европската безбедност

Ле Дријан: Оружјето од Балканот е се поголема закана за европската безбедност

Милионите парчња лесно оружје што циркулираат низ Балканот, претставуваат голема закана за европската безбедност, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан.

– Европол смета дека меѓу три и шест милиони парчиња огнено оружје циркулираат низ Западниот Балкан. Тоа е огромно количество, изјави Ле Дријан на министерскиот состанок во рамки на француско-германската иницијатива за сеопфатна контрола на малокалибарското и лесно оружје на Западниот Балкан, што се одржа во Париз.

Ле Дријан нагласи дека оружјето што потекнува од балканскиот регион во голема мерка го користат криминалните групи и терористите.

– При нападите во Франција во јануари и ноември 2015 година, терористите користеа илегално оружје по потелко од овој регион, истакна шефот на француската дипломатија.

Извршителите на нападите во Париз на 13 ноември 2015 година, за кои одговорност презеде џихадистичката група Исламска држава, користеа верзии на руските автоматски пушки „Калашњиков“, произведени во српската фабрика „Застава“.

Ле Дријан најави дека Франција ќе им помогне на безбедносните сили од регионот со нивна обука и опремување со софтвер за идентификација на илегалното оружје. Покрај тоа, Париз ќе именува и специјален претставник во Француската амбасада во Белград задолжен за борба против шверцот на огнено оружје.

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас во обраќањето на собирот нагласи дека состојбата со илегалното оружје на Западниот Балкан е неприфатлива.

Според него, терористи и криминалци со тоа оружје продолжуваат да убиваат луѓе низ цела Европа.

Француско-германската иницијатива за сеопфатна контрола на малокалибарското и лесно оружје на Западниот Балкан беше лансирана кон крајот на 2017 година, во чии рамки се поставени цели што треба да бидат исполнети до 2024 година.

МИА