Лидерот на Хонг Конг, Џон Ли денеска изјави дека осуммината продемократски активисти кои сега живеат во САД, Велика Британија, Канада и Австралија ќе бидат гонети доживотно за наводни прекршоци во врска со националната безбедност.
Ли изрази поддршка за полициските напори за нивно апсење.
Тој на прес-конференција рече дека секој, вклучително и нивните пријатели и роднини, кои ќе понудат информации кои ќе доведат до нивно апсење, ќе имаат право на награда понудена од полицијата.
– Единствениот начин да се стави крај на нивната судбина како бегалци кои ќе бидат гонети доживотно е да се предадат, рече тој.
Полицијата во Хонг Конг вчера обвини осум странски активисти за сериозни кривични дела во областа на националната безбедност и понуди награди за информации што ќе доведат до нивно апсење.
Злосторствата за кои се обвинети вклучуваат договарање со странци за воведување санкции против Хонг Конг и Кина, како и поттикнување отцепување.
Обвинети се активистите Нејтан Ло, Ана Квок и Фин Лау, поранешните пратеници Денис Квок и Тед Хуи, адвокатот и правник Кевин Јам, синдикалниот активист Мунг Сиу-тат и онлајн коментаторот Јуан Гонг-џи, соопшти полицијата на прес-конференција.
Полицијата соопшти дека издала потерници и понудила награда од 127.656 долари за секое поединечно апсење. Исто така, имотот на обвинетите ќе биде замрзнат каде што е можно и јавноста е предупредена да не ги поддржува финансиски.
Активистите се наоѓаат во неколку земји, вклучувајќи ги САД, Велика Британија и Австралија, а полицијата призна дека шансите за кривично гонење се мали доколку обвинетите останат во странство.
По нив е распишана потерница според законот за национална безбедност што Пекинг го наметна на Хонг Конг во 2020 година, по долготрајните антикинески протести претходната година.
Австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг изјави дека нејзината Влада е длабоко разочарана од извештаите дека властите во Хонг Конг издале налози за апсење за „поддржувачите на демократијата, вклучително и оние во Австралија“. (МИА)