По денешната средба со британската кралица Елизабета Втора, во шкотскиот дворец Балморал, новата лидерката на Конзервативната партија Лиз Трас и формално од денеска е нова британска премиерка.
Место традиционалната церемонија за номинација на новиот британски премиер да ја изведе во Бакингемската палата во Лондон, кралицата за првпат во своето 70-годишно владеење овој чин го направи во својата летна резиденција, замокот Белморак, каде се наоѓа на годишен одмор.
Средбата на Трас со кралицата следеше откако досегашниот премиер Борис Џонсон претходно денеска ја поднесе својата оставка до кралицата.
Вчера беше објавено дека Лиз Трас победи во внатрепартиската трка за лидер на Конзервативната партија, со што автоматски станува и нов премиер, бидејќи конзервативците сè уште имаат мнозинство во Парламентот. Трката за нов лидер почна откако Џонсон во јули поднесе оставка на функцијата по серијата откриени скандали.
Би-Би-Си пренесе дека денешните снимки од средбата со Трас се првите на 96-годишната кралица по долго време.
Трас се соочува со сериозни предизвици: да го спречи растот на цените, да ги ублажи немирите на работниците и да го поправи здравствениот систем оптоварен со долгите листи на чекање и недостигот на здравствени работници. Меѓу главните проблеми пред неа е и енергетската криза предизвикана од руската инвазија врз Украина, која се заканува да ги крене сметките за енергија на неодржливо ниво, што може да доведе до затворање на компании и ладни домови за најсиромашните.
Трас се очекува својот план за излез од кризата и за работата на идната влада да го објави в четврток. (МИА)