петок, 24. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Лондон и Анкара ќе потпишат договор за слободна трговија

Лондон и Анкара ќе потпишат договор за слободна трговија

Велика Британија и Турција утре ќе потпишат договор за слободна трговија, соопшти Министерството за трговија на Обединетото Кралство, прв откако премиерот Борис Џонсон обезбеди нов трговски договор со Европската унија, јави весникот „Сабах“.

Двете земји ќе потпишат договор со кој се потврдуваат постојните трговски услови меѓу Анкара и Лондон, а британската министерка за трговија Лиз Трус рече дека се надева дека наскоро ќе биде постигнат посебен трговски договор.

– Договорот што очекуваме да го потпишеме оваа недела содржи договори за бесцаринска трговија и ќе помогне во одржување на нашите трговски односи. Ова ќе обезбеди сигурност за илјадници работни места во Велика Британија во производствената, автомобилската и челичната индустрија, се вели во изјавата на Трус.

– Сега со нетрпение очекуваме да работиме со Турција со цел во блиска иднина да се постигне амбициозен трговски договор по мерка на Велика Британија и Турција, додава таа.

Велика Британија до сега потпиша трговски договори со 62 земји пред крајот на преодниот периодот за на 1 јануари, кога ќе ги напушти трговските договори на ЕУ.