понеделник, 4. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Лукашенко со ужасна изјава: Еден добар ќотек со каиш може да биде корисен за детето

Лукашенко со ужасна изјава: Еден добар ќотек со каиш може да биде корисен за детето

Авторитарниот белоруски претседател Александар Лукашенко го отфрли потенцијалниот закон против домашно насилство како „западни глупости“ и рече дека физичкото казнување може да биде „корисно“ во одгледувањето деца, пренесе Асошиејтед прес.

Лукашенко рекол дека на предлог-законот со кој домашното насилство би се сметало за криминал му треба уште работа. Тој вчера на новинарите им рекол дека лично е против физичкото казнување на децата, но дека „добриот ќотек со каиш може да биде корисен за детето“.

„Тоа се глупости преземени од Западот“, рекол тој. „Ние ќе продолжиме стриктно според нашите сопствени интереси, нашите белоруски словенски традиции и нашето животно искуство.“

Претседателот, додава агенцијата, рекол дека самиот тој често го казнувал својот најстар син и дека тоа било добра лекција за неговиот помлад син.

Белорускиот лидер честопати зборува против Западот, особено поради одобрувањето на браковите од ист пол. Тој во петокот рече дека „наскоро нема да им останат семејства, бидејќи мажите им се мажат со други мажи“.

Сегашниот белоруски закон не содржи конкретни прописи против семејното насилство. Лукашенко во своите коментари не го споменал насилството врз жените, но законот ги опфаќа сите форми на семејно насилство.

Православната црква исто така го критикуваше законот за семејно насилство. Павел, митрополитот од Минск, има кажано дека „родителите не смеат да бидат лишени од правото да ги воспитуваат своите деца“.

И Католичката црква во Белорусија исто така се изјасни против документот, а архиепископот од Минск Тадеуш Кондрусевич, во отворено писмо го повика Лукашенко „да биде воден од националните интереси и духовни вредности на белорускиот народ и да не ги следи катастрофалните секуларистички трендови и половата идеологија, која води до уништување на традиционалното семејство“.